Општинско Основно Училиште
„Ј.Х. Песталоци“ - Скопје

Историјат на училиштето

2020-02-03 16:01:41

Aрхитектонското дело на професорот Алфред Рот, изградено по катастрофалниот земјотрес од 26 Јули 1963 година во центарот на град Скопје, е значаен пример на меѓународна солидарност и соработка. Овој значаен споменик, кој го носи името на големиот швајцарски педагог Јохан Хајнрих Песталоци, од неговото отварање до ден денес ја потврдува својата улога да биде не само основно училиште, туку и пример за асеизмичко градење, пример на значајни архитектонски решенија за современи училишни објекти, но и објкет каде можат да се одвиваат значајни образовни, воспитни културни и други општествени настани.


 Извори:

 - Магистерски труд / Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р. Македонија преку примерот на О.У. Јохан Хајнрих Песталоци – Ана Ивановска;

 - Монографија „Песталоци“ – Кочо В. Костов, 

 - статија на Македонска АРХитектура (https://marh.mk/pestaloci-alfred-rot/), автор на статијата Антонио Грујевски.

  

Година на проектирање: 1964

Година на изведба: 1966-69

Локација: ул. „Апостол Гусларот“ бр.3, Општина Центар – Скопје

Донација: Швајцарска влада

Автор: Проф. Алфред Рот BSA/SIA, Цирих

Инженери: C. Hubacher, Dr. E. Staudacher, H. Siegenthaler SIA, Цирих

Фирма и изведба: Г.П. Бетон, Скопје

Фотографии: К. Билбиловски, Скопје; Peter Grünert, Цирих

 

Историјат на училиштето

Катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 Јули, 1963 година, покрај 2000 човечки жртви целосно го разурна и централното градско подрачје. Поради тоа, Швајцарија одлучува да собере средства, кои ќе бидат искористени за изградба на училишен објект. Со ова, градот Скопје одлучува за локацијата на новото училиште, а фондот за реконструкција ги користи сите средства приложени од Швајцарската донација.

Швајцарската влада, пролетта 1964 година, оваа задача му ја доверува на архитектот Алфред Рот, професор на Техничкиот факултет во Цирих, кој долги години од својата кариера се занимава со прашаењето на современата едукација и школските објекти. На почетокот од Јули 1964 година започнуваат првите договори со преставниците на Собранието на град Скопје за предложената програма во однос на новата градежна конструкција за асеизмичкото градење (на инж. К. Хубахер), која во моментот на градење е пионерски зафат во областа на градежништвото во светски рамки.

Договорот за изградба на училиштето се потпишува на 5 Септември, 1966 година, а 1967 година започнува градењето во соработка на швајцарските проектанти со градежната оператива на Г.П. Бетон, Скопје.

За училиштето да го добие финалниот изглед биле потребни две години. На 12 Јануари 1969 година, на роденденот на швајцарскиот педагог Јохан Хајнрих Песталоци, училиштето ги отворило своите врати за првите ученици. Самиот објект во тој период согласно распоредот на просториите одговара на нормите на Заводот за школство за изградба на секундарни училишни згради кои одговараат на швајцарските средни училишта. Оттогаш, училиштето, без поголеми интервенции и со непроменета функција како основно училиште, работи непрекинато над 50 години. 

 

Локација

Пред земјотресот, на местото на кое што се наоѓа сегашното училиште, се наоѓало училиштето Петар Петровиќ Његош.

Самата парцела на училишниот објект е со неправилна форма поради ерешени имотно-правни односи со соседните парцели и истата никогаш не ја достигнува полната предвидена површина. Од јужната и западната страна, парцелата е ограничена со улици, а од исток и север со приватни имоти.

Иако само училиште е проектирано за помал број на ученици, во моментот на отварање па дури и денес училиштето има отприлика 900 ученици, а во најфреквентните години на своето работење и до 1500 ученици (во периодот од 1978 до 1988 год. училиштето работело и во три смени).

 

Архитектонско значење

Училиштето „Ј.Х.Песталоци“ има високо педагошко и културно значење за модерната архитектура на територијата на Македонија, со силно изразен идентитет, висок квалитет на изведба и опрема, а со своите високи архитектонски и естетски квалитети има влијание не само во локални туку и во меѓународни рамки – напуштање на коридорите, концепт кој се осветлува и вентилира двострано, квардатни училници, специфично ниво на опременост и сл. Внатрешното функционирање на објектот е примарна грижа, а екстериерот негова внимателно дизајнирана видлива експресија.

Преку овој нов концепт на училишен објект Алфред Рот ги надминува преголемите, монументални школски згради со недиференцирана просторна организација, со еднакви, мултиплицирани просторни единици, во различен степен функционални за различни педагошки потреби. Флексибилноста на планот е меѓу главните квалитети на објектот – „планот, конструкцијата и формата се замислени така да можат со мали трошоци внатрешно и надворешно да се вградат промените настанати во процесот на едукација. Како резултат функционалната организација на просторот е таква да во текот на своето долгогодишно работење, со мали трансформации кои не ја менуваат просторната структура, успева да се прилагоди на различните евулутивни промени во наставните програми и особено на различниот број ученици.

 

Функционална организација

Објектот е составен од неколку објекти со различни функции – и отворен простор помеѓу нив. Главните делови меѓу себе се поврзани. Врските се остварени со затворени коридори или полузатворени (отворени, но покриени) тремови.

 

 

Три катниот училишен тракт содржи 18 училници, од кои, тие што се на приземје имаат дополнителна површина за групна работа. Специјалниот тракт во приземјето содржи: поливалентна сала за цртање, боење, настава по ликовно воспитување, одел за предмети по хемија, простории за теоретска и практична настава по домаќинство. Во подрумските простории има две работилници, а на горниот кат два аудиториуми со растечки седла за природно-научна настава, настава по физика , голема хемиска лабороторија, соба за колекции и фотолабороторија со специјално затемнета соба со вградена вентилација. Централната градба содржи: голема свечена сала, библиотека, кабинет за вработени и 3 простории.

На северозападниот агол на комплексот се наоѓа фискултурната сала која преку отворен, покриен премин е поврзана со салата за општа намена. Таа содржи две соблекувални, две простории за туширање, голема сала за настава, просторија за реквизити, просторија со надворешен влез и справи за работа на спортските терени и наставничка канцеларија со туш. 

 

Корисни линкови

Е-дневник E-Учебници Министерство за образование и наука Биро за развој на образованието